Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денеска зема учество на есенската сесија на Парламентарното собрание на Совет на Европа, која се одржува од 30 септември до 4 октомври 2024 година во Стразбур.
Во своето обраќање, министерот Муцунски се осврна на прашањето со Бугарија, потенцирајќи дека интеграцијата на нашата држава во Европската Унија е од заеднички интерес за целиот регион.
Да зборуваме за она што не обединува и за тоа што можеме да го направиме заедно. Придвижувањето на нашиот пат кон ЕУ е важно не само за нас, туку и за нашите соседи, кои ќе имаат најголеми придобивки од нашето членство, рече тој.
Министерот исто така зборуваше за третманот на малцинствата во двете земји, бугарското малцинство во нашата држава и македонското во Република Бугарија.
– Не постои случај каде бугарското малцинство било дискриминирано во нашата земја, но ако постои таков случај, подготвени сме да разговараме и да работиме институционално за негово решавање. Ајде заедно да ги унапредуваме правата на малцинствата во двете земји. Секој предлог за подобрување го прифаќаме со отворени раце, но и ние имаме право да дадеме примери каде и Бугарија мора да се подобри, особено во врска со пресудите на Европскиот суд за човекови права – истакна Муцунски.
Во завршницата на своето обраќање, министерот се осврна на иднината на регионот, која ја гледа како дел од ЕУ.
– Ние, како млада генерација политичари, можеме да учиме од историјата, но и да гледаме напред – кон вештачката интелигенција, трговијата и можностите за соработка меѓу нашите земји. Сите наши соседи ги сметаме за пријатели и ќе продолжиме да се однесуваме така. Ајде заеднички да го придвижиме регионот напред на патот кон Европската Унија – порача Муцунски.