Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски денеска од Брисел изјави дека заедно со претседателот Мицкоски и со потпретседателот Николоски се во дводневна посета на европската престолнина на која ќе кажат дека не прифаќаат уставни промени „под овие околности и под бугарски диктат“.
-Примарна цел е да ги потврдиме позициите на ВМРО-ДПМНЕ кои што се насочени кон заштита на националните интереси и гледањето на евроинтеграцискиот пат низ таа призма, неприфаќањето на уставни промени под овие околности и под бугарски диктат, и нашата оценка дека е потребно македонскиот евроинтеграциски пат да се гледа низ призмата на реалните европски критериуми, рече Муцунски во изјава за телевизија Алфа.
Врвот на ВМРО-ДПМНЕ во Брисел се сретнал со еден советник за надворешна политика на претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел и со европратеникот Сагарц, кој што е еден од известувачите за Македонија во Европскиот Парламент.
Утре ќе се има средби со претседателот на Европската Народна Партија, гоподинот Вебер и со потпретседателот на Европската Народна Партија кој што исто така истовремено и претседава со Комисијата за надворешна политика во Европскиот Парламент Дејвид Мекалистер.