Процесот на интеграција на нашата земја кон полноправно членство во Европската Унија колку е од наш интерес, еднакво е од интерес и за сите наши соседи, изјави министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски. Тој додаде дека има начин како да се обезбеди сигурност дека понатамошниот пат кон ЕУ ќе биде врз основа на мерливи критериуми.
Прашан дали има некакви сигнали за разговори во соседна Бугарија, Муцунски рече дека Бугарија повторно влегува во изборна година и оти очекува дека што побрзо ќе се формира политичка влада со која, како што рече, ќе можеме да дискутираме за да отвориме дијалог на повеќе нивоа.
-Нашите позиции се добро познати. Позиции што беа јавно експонирани во текот на изборната кампања. Врз основа на таквите позиции, секако сметаме дека треба да дискутираме не само со Бугарија туку и со сите наши соседи со коишто имаме отворени прашања – изјави Муцунски.