Свесни бевме за тоа што се случи, јасно увидовме дека постои дискрепанца меѓу договорениот проткол и тоа што се случи во пракса, но одлучивме, поради специфичноста на моментот, таму да реагираме на таков начин како што се реагираше.
Ова е коментарот на министерот за надворшени работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, на прашање дали воопшто ќе имаше државна реакција за отсуството на македонското знаме при средбата на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова со бугарскиот претседател Румен Радев во Софија, ако не беа критиките во македонската јавност.
Според Муцунски, отсуството на реакција веднаш по средбата се должи на авионската несреќа која се случи во Бугарија неколку часа претходно.
„Бидејќи гледаме дека има прозивки, единствен начин да реагирате за вакво нешто, кога гледате дека се случила институционална протколарна грешка од другата страна е начинот на којшто ние реагиравме денеска како МНР. Усна реакција на лице место не е формална рекација и дипломатскиот протокол многу строго ги регулира овие прашања“, вели Муцунски.
Работниот ручек на кој присуствувал бил во пријателска атмосфера и на него се зборувало за повеќе теми меѓу кои за отворање на граничниот премин Клепало и Коридорот 8.
„Доколку другата страна пристапува во бона фиде, како што ние пристапуваме, тогаш природно е по ваква протоколарна грешка да се извини и може да каже дека беше грешка и дека не била целта каква било форма на навредување или меѓусебно понижување. Тогаш ќе веруваме дека и другата страна настапува во овие релации бона фиде. Не би сакал да се разочарам од нашиот сосед и да видиме недостаток на реакција. Ние ќе продолжиме да бидеме позитивен чинител во нашиот регион, но ќе видиме по реакцијата за овој случај, каде имаше очигледен протоколарен пропуст од другата страна, која е намерата на актуелниот претседател и техничкиот кабинет“, додава тој.