Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денеска одговарајќи на новинарско прашање во врска со забелешките дека Владата води надворешна политика, со која ја турка земјава кон „српски свет“ нагласи дека ние сме македонски свет и оти како Влада работат на ширење на интересите на нашата надворешна политика.
За критиките, истакна дека доаѓаат од неколкумина поранешни функционери од претходната влада, за кои кажа дека за време на нивните мандати имале рекорден број средби со нивните српски колеги. За поранешниот претседсател Стево Пендаровски рече дека во текот на петгодишниот мандат остварил девет средби со српскиот претседател Александар Вучиќ.
– Поранешниот претседател Пендаровски најмногу билатерални средби имал со својот српски колега. Ние сме македонски свет, гледаме да ги шириме интересите на нашата надворешна политика, а луѓето чие обележје беше единствено попуштање на секоја точка, по која бараше попуштање кој било сосед и која било членка, тоа е белегот на нивната надворешна политика, тие немаат легитимитет да го судат она што ние го правиме, штитејќи ги националните интереси на нашата држава и на луѓето кои живеат во неа. На крајот граѓаните нека си го постават прашањето дали повеќе веруваат во актуелната надворешна политика на нашата Влада или мислам дека подобра била надворешната политкика предводена од владата на СДСМ и ДУИ – рече Муцунски денеска во Скопје на заедничка прес-конференција со министерот за надворешни работи, африканска соработка и марокански иселеници на Кралството Мароко, Насер Бурита.