Министерот Тимчо Муцунски, на споменикот ,,Карпалак” во Прилеп, положи венец со свежо цвеќе во спомен на десетмината припадници на македонската армија кои во 2001 година го загубија својот живот кај месноста Карпалак на патот Скопје – Тетово.
Во обраќањето пред семејствата на загинатите и многубројните делегации кои оддадоа почит на загинатите бранители, министерот Муцунски изрази почит за Сашо, Нане, Бранко, Марко, Ердован, Љубе, Дарко, Веби, Горан и Пеце, за нивната храброст и пожртвуваност во одбраната на територијалниот интегритет.
„Жртвата на хероите од Карпалак е силен потсетник да ги одржуваме и да останеме верни на овие вредности. Бранителите платија највисока цена во еден од најтешките мигови за македонскиот народ, кога нашата држава беше нападната и на чекор до бездна. Наша должност е да ги паметиме и да ги почитуваме нивните херојски дела, а истовремено да ги користиме сите расположливи механизми за да обезбедиме мирна, стабилна и безбедна иднина за граѓаните”, истакна министерот Муцунски во своето обраќање.
Министерот Муцунски порача дека нивната жртва нѐ потсетува дека секогаш треба да останеме мудри во донесувањето одлуки, за никој повторно да не доживее слична судбина.