Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски изрази разочараност од однесувањето на историчарот Драги Георгиев, кој како што рече, деновиве гледа како „еден научник, кој што е ангажиран и доста коректно платен од државата, да врши научна работа, како се обидува себеси политички да се профилира додека е се уште во тековен мандат, како претседател на една од комисиите“. Според Муцунски, политичарите и министрите имаат легитимитет од страна на граѓаните да носат политички одлуки, а научниците имаат обврска да вршат научна работа.
Тој нагласи дека со однесувањето на претседателот на Комисијата со Бугарија, Драги Георгиев, се „поткопуваат надворешно-политичките позиции на државата“.
– Прилично сум изненаден што деновиве гледам еден научник, кој што е ангажиран и доста коректно платен од државата, да врши научна работа, како се обидува себеси политички да се профилира и додека е се уште во тековен мандат, како претседател на една од комисиите. Со тоа се поткопуваат на надворешно-политичките позиции на државата. Ние, политичарите и министрите имаме легитимитет од страна на граѓаните да носиме политички одлуки, а научниците имаат обврска да вршат научна работа и искрено сум разочаран од таквиот пристап што го гледам деновиве, изјави Муцунски.
Мафот на македонската дипломатија посочува дека интересот на државата треба да биде пред се и над се, а доколку имаат забелешка, на двајцата претседатели на Комисиите кои што се уште се активни „мојата врата е отворена и била отворена“.