Ние секогаш ќе бидеме на линија со надворешната политика на САД бидејќи сметаме дека е вистинската надворешна политика што обезбедува мир во светот и зачувување на светскиот поредок.
Ова, меѓу дргугото, го истакнал министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски во гостување во живо на американската телевизија Њузмакс.
Муцунски, кој е во работна посета на САД и дел од македонската делегација на 79 Генерално собрание на Обединетите нации (ОН), во разговорот за телевизијата гостувал заедно со американскиот дипломат Ричард Гренел.
Фокусот на разговорот, како што соопштија од Министерството за надворешни работи, бил ставен на актуелниот геополитички контекст и перспективата на земјава во рамките на светските случувања.
Муцунски, во таа насока, ја потенцирал важноста за одвојување на најмалку 2 проценти од бруто-домашниот производ (БДП) во одбраната. Овој принцип, како што рекол министерот, го почитува и нашата влада бидејќи не станува збор за проактивен метод, туку за средства наменети за одбраната, што е клучен аспект во политиката на НАТО.
Говорејќи за односите помеѓу земјава и САД, шефот на македонската дипломатија истакнал дека двете страни имаат одлични односи кои се базираат на стратешкото партнерство.
-Ние секогаш ќе бидеме на линија со надворешната политика на САД бидејќи сметаме дека е вистинската надворешна политика што обезбедува мир во светот и за зачувување на светскиот поредок. Мораме да најдеме мир и ги сметаме САД за клучна нација во постигнувањето на мирот – рече тој.
Во однос на сложената геополитичка состојба во светот, министерот ја нагласил неопходноста од поголеми и поинтензивни дипломатски напори за да се обезбеди мир во светски рамки. Овие напори, според Муцунски, треба да бидат во согласност со принципите на Маѓународното јавно право и воедно да бидат гарантирани територијалниот интегритет и суверениетот на сите нации.