Муцунски: Кредибилитетот на ЕУ не се гради само преку зборови, туку со дела

by Фокус

Ниту една држава не е доволно моќна за да опстои сама, било на политички, економски или безбедносен план. Ова нѐ обврзува, како континент, без разлика на сите разлики, да соработуваме и координирано да се справиме со тековните глобални предизвици.

Ова денеска го истакна министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски во своето обраќање на 11-тата Европска конференција на универзитетот „Харвард“ во Бостон, на тема „Лидер или сонувач? Улогата на Европа во фрагментираниот светски поредок“.

Муцунски, како што информира тој на својот фејсбук-профил, потенцирал дека за да одржи чекор со глобалните сили ЕУ ќе треба да направи длабоки трансформации во своите економски, политички и стратешки рамки.

-Се осврнав и на интеграцијата на Западниот Балкан во Европската Унија, нагласувајќи дека политиката на Унијата кон нашиот регион е тест за нејзината глобална амбиција. Ако ЕУ има цел да ја зајакне својата геополитичка и геоекономска позиција, мора да започне токму од регионот.

Кредибилитетот на Унијата не се гради само преку зборови, туку со конкретни дела. Моралниот авторитет на Европа ќе зависи од нејзината способност да го исполни ветеното – европската интеграција на Балканот како неизоставен дел од заедничката европска иднина – рекол тој.

Поврзани новости