Муцунски ќе го донира на „уставобранителите“ зголемувањето на плата што им го подари Уставен на функционерите

by Fokus

Градоначалникот на Општина Аеродром, Тимчо Муцунски, ќе го донира во хуманитарни цели зголемувањето на платата кое ќе го добијат сите јавни функционери, откако Уставниот суд укина два члена од Законот за плати и надоместоци, со што основицата за пресметување на плата се зголемува од 26.000 на 47.700 денари. Муцунски напиша на фејсбук дека разликата во неговата плата ќе ја донира на семејства со ниски месечни примања и семејствата на уставобранителите.

„Уставниот суд донесе одлука со која се предвидува зголемување на платите за носители на јавни функции. Јас морам да ја почитувам таа одлука бидејќи е донесена од страна највисокиот орган кој ја штити уставноста во Македонија. Но, можам разликата да ја донирам и тоа со задоволство ќе го направам.
Јас сум растен и воспитуван во духот на позитивните вредности. Сметам дека меѓусебната поддршка и помош се важни. Среќата не зависи од тоа колку имаме, туку од тоа колку можеме да помогнеме и да направиме за другите.
Имајќи ја предвид тешката економска и финансиска состојба во која живееме, почнувајќи од следниот месец разликата во платата ќе ја донирам за хуманитарни цели. Ова е само мал гест од моја страна кој се надевам дека ќе помогне на голем број семејства што секојдневно се борат со различни предизвици и се справуваат со економски, финансиски и здравствени проблеми.
Воедно, ги повикувам и останатите мои колеги од сите политички партии, доколку се во можност да го следат овој пример“, напиша Муцунски.

Поврзани новости