Муцунски: Имаме историска позиција во новата администрација на САД, која има сериозен интерес за регионот и нашата држава

by Fokus

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски вечерва изјави дека ќе биде дел од делегацијата која ќе ја предводи премиерот Христијан Мицкоски на инаугурацијата на новиот американски претседател Доналд Трамп во Вашингтон.

„Дефинитивно доаѓање на нова администрација на САД е значаен чин за нас. Мицкоски ќе ја предводи и нашата делегација таму, заедно со него ќе бидеме дел од многу формални и неформални активности како и самата инаугурација. Да ги афирмираме нашите позиции со администрацијата во доаѓање, да продолжиме да ги негуваме тие добри и лични односи премиерот, јас и други чинители во Владата. Исто така и да го потврдиме и континуитетот којшто го очекуваме од американската надворешна политика, во однос на прашања поврзани со регионот, посветеноста кон европските интеграции, кон НАТО и сето она што за нас е значајно од гледна точка на европска и регионална безбедност и прашања кои како земја нас најмногу не засегаат – рече Муцунски, вечерва во гостувањето во „Топ тема“ на Телма.

За последната посета во САД Муцунски појасни дека имал средби со лица кои се дел од транзицијата на претседателот.

Тој оцени дека постои потреба од засилување на билатералните трговски односи со САД не само во делот на инвестициите, туку и во делот на увоз-извоз портфолиото на државата. Во овој дел Муцунски смета дека со новата администрација, може да се направи позитивно поместување, земајќи ја предвид, вели тој, блискоста на премиерот Мицкоски со министерот за трговија, Хауард Лутник, кој беше во посета на земјава пред неколку месеци.

„Во делот на политичко – безбедносниот аспект кој ни е значаен, потребен ни е фокус и дополнителен стимул од САД за разбирање на предизвиците со кои се соочува регионот. Не потценувајќи дека и досега немало фокус, сметам дека сега релациите кои ги имаме како Влада заради поединците коишто се поставени на одредени високи позиции или кои очекуваме да бидат поставени на тие позиции во американскиот Стејт Департмент, потребно е да се засили тој фокус кон нашиот регион. Ние тука имаме сериозна предност и треба да знаеме да ја искористиме. Како држава имаме историска позиција во администрацијата во доаѓање, но умешноста е да го привлечете вниманието за да се добие тој заслужен фокус што ние како држава и како регион го заслужуваме. Имаме прашања кои се од сериозен економски, политички и безбедносен карактер – истакна министерот Тимчо Муцунски.

Поврзани новости