Сите извештаи што излегуваат, без разлика дали се од влади или од меѓународни организации, гледаме во нив е напишано она што е фактичка состојба во Македонија дека претходната година била година на неуспеси, година без реформи, година на висока корупција и година каде што продолжил тој тренд на стагнација на нашата држава, вели потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски на денешната панел дискусија со наслов „Извештај на Стејт Департментот: Сериозна владина и судска корупција“.
-Кај младите во моментот, со оваа власт која што во последните шест години владее во Македонија, нема надеж. И да, економскиот фактор е еден многу значаен фактор, но секогаш ние заклучуваме дека не е единствениот. Не веруваат во системот на државата, не се задоволни од квалитетот на услугите кои што ги добиваат од државниот апарат, нема функционален систем на јавни работи и нема некој кој што ќе се бори за да се создаде функционален систем – вели Муцунски.
Според него, не се приоритет реформи во правосудство, реформи насочени кон економски напредок, образование, здравство.
-Сето тоа што е најзначајно за да ги задржиме луѓето да останат во државата и да веруваат дека ќе има напредок, туку ние, практично, јас тоа го повторувам во последниот период многу често, имаме една заробена држава, држава каде што закони, акти се носат, дејствија и постапки се превземаат единствено да се задоволи мала група која што е сега на власт – рече Муцунски.