Муцунски до Столтенберг: Вашата значајна улога во турбулентните години го зајакна и модернизира НАТО

by Fokus

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, во рамките на работната посета на Брисел се сретна со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, кој набргу ќе замине од оваа позиција.

По тој повод, министерот му врачи на Столтенберг благодарница и плакета за извонредни достигнувања и придонес за евро-атлантската безбедност.

Изразувајќи благодарност за неговото лидерство и водењето на организацијата, истовремено нагласувајќи ја важната поддршка за нашето членство во алијансата, министерот Муцунски го истакна значењето на личните напори на Столтенберг за зачувување на заедничките вредности и одржување на мирот и стабилноста во Западен Балкан, регион од стратешко значење за НАТО, известува МНР.

Воедно, тој ја потенцира и посветеноста кон политиката на отворени врати на алијансата како клучен фактор за зачувување на регионалната стабилност.

„Вашата значајна улога во турбулентните години го зајакна и модернизира НАТО правејќи ја алијансата покредибилна и поподготвена за зачувување на мирот и стабилноста во евро-атлантската област“, нагласи Муцунски на средбата.

Поврзани новости