Муцунски: Дали сме сигурни дека нема да имаме ново вето ако се случат уставните измени?

by Fokus

Безбројни отстапки се даваат за реализација на едно исто ветување, дека ќе се движиме напред кон ЕУ, но повторно гледаме реактуелизација на ветото. Ние тоа што го очекуваме и што го зборуваме пред лидерите на ЕУ, земјите членки и сите наши стратешки партнери, е дека треба да исцртаме јасен пат за тоа како ќе се движат нашите преговори кон полноправно членство, рече денеска министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски во врска со уставните измени и европската перспектива на земјава.

-Решението ќе биде тешко да се изнајде, но мора да биде базирано врз основа на принципите кои ние ги претставуваме. Дијалог има и имало во последните месеци, посебно ако се види дека агендата на премиерот во меѓународните настапи, но и мојата, е примарно фокусирана на земјите-членки на ЕУ. Тука сме ангажирани најмногу во последните шест месеци – да ги претставуиме нашите тези и гледишта, не за тоа како да не се најде решение, туку како да се најде решение.

Во тој период останавме целосно усогласени со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, станавме првата земја од регионот која потпиша Договор за стратешки и безбедносен аранжман со ЕУ, ја усвоивме веројатно најдобрата реформска агенда во регионот – парафразирам лидери на ЕУ, не цитирам. Значи, ние покажавме дека сме посветени на патот, но истовремено имаме очекувања дека и другата страна ќе ја покаже истата посветеност, искреност и пред се, принципиелност кон нас како земја, напомена Муцунски на прес-конференција, одговорајќи на новинарски прашања.

Тој повтори дека македонските позиции се јасно зацртани, посебно во делот на надворешната политика. Муцунски не верува, како што нагласи, дека ЕУ сака повторно да биде ставена во ситуација да има сомнеж кај кандидатите дека не е искрена во намерите.

-Позициите ги имаме доста јасно зацртано уште во перидот на кампањата, кога презентиравме партиска програма која потоа стана дел и од владината програма. Посебно во делот на надворешната политика имаме многу јасен пристап, а пристапот е тоа што го укажуваме – дали е ова последната отстапка што се очекува од нас? Дали сме сигурни дека ако се случат уставните измени, понатаму нема да бидеме предмет на ново, потенцијално вето, повторно создадено врз основа на билатерални прашања?, истакна Муцунски.

Министерот е убеден дека не само целокупниот политички естаблишмент, туку и сите граѓани на државата немаат веќе капацитет за нови билатерални отстапки кои беа безбројни во изминативе 30 години.

На Самитот на Западен Балкан следната недела македонската делегација ќе биде предводена од премиерот Миоцкоски. Како што информира Муцунски, ќе има билатерални средби со високи претставници на ЕУ и на земјите членки.

Поврзани новости