Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денес беше домаќин на НАТО работен појадок, на кој присуствуваа амбасадорите на земјите членки на НАТО, како и Украина, Јапонија и ЕУ. Настанот се одржа во пресрет на НАТО Самитот во Вашингтон каде ќе биде одбележана 75 годишнината од формирањето на Алијансата.
Работниот појадок беше можност да се потврдат клучните приоритети на Алијансата, кои треба да одговорат на заедничките предизвици. Воедно, на него беше истакната важноста за заедничко демонстрирање единството и заедничките напори за зајакнување на капацитетите и можностите за колективната безбедност.
Министерот Муцунски ги презентираше ставовите на земјата во однос на стратешките одлуки што треба да се донесат на самитот. Заеднички беше потврдена заложбата за обезбедување на колективната одбрана и подготвеност за одговор на предизвиците кои доаѓаат од сите правци. Притоа беше нагласено постигнувањето повеќе од 2% од БПД на земјава за трошоци во одбраната.
„Благодарни сме што НАТО го препознава Западниот Балкан како регион од стратешка важност за Алијансата. Цврсто веруваме дека продолжувањето на блиската координација и заедничките активности на НАТО и ЕУ во регионот е од суштинско значење, првенствено преку забрзување на процесите на европска и евроатлантска интеграција. Ова е од суштинско значење за зацврстувањето на стабилноста и затворањето на вакуумот кој е подобен за дестабилизирачки влијанија од трети страни”, истакна министерот Муцунски.
Состојбите во Украина, во контекст на европската безбедносна архитектура беа во посебен фокус на појадокот. Можноста на самитот, земјите членки на НАТО заедно со украинските власти да разговараат за нивните краткорочни и долгорочни потреби, ќе овозможи донесување на важни одлуки кои ќе го детерминираат идниот тек на состојбите и иднината на оваа земја.
На него беше истакната важноста од учеството на партнерите од регионот на Индо-Пацификот, во формат АП4, заедно со високи претставници на ЕУ, и можноста за размена на мислења со нив во насока како да се продлабочи соработката, вклучително и заедничките напори за одржување на мирот и стабилноста во двата далечни, но поврзани региони, со зачувување на правилата засновани на меѓународниот поредок и заштита на нашите заеднички вредности.