Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски се сретна со амбасадорката на САД, Анџела Агелер.
Во рамки на средбата, министерот Муцунски ги потенцираше програмските активности на владата во делот на надворешната политика и надворешната трговија и определбата на владата за брзо дејствување во насока на спроведување на неопходните реформи, потребни за забрзување на интегративниот процес.
Двете страни разменија мислења за активностите во рамките на Стратешкиот дијалог со САД, поддршката за реализирање на владините приоритети во борбата против корупцијата, обезбедување зголемен економски раст и привлекување странски инвестиции, соработката во енергетскиот сектор и во развојот на инфраструктурата.
Министерот Муцунски упати благодарност за долгорочната поддршка од Соединетите Американски Држави за севкупните реформски процеси нагласувајќи дека земјата посветено ќе продолжи да работи на спроведувањето на сите неопходни реформи со крајна цел полноправно членство во ЕУ.