Муслиу: Ќе се расветли дали припадници на Агенцијата за разузнавање биле инволвирани во „Диво насеље“ или во „27 април“!

by fokus

Ќе работиме на засилување на човечкиот потенцијал и на техничките капацитети заради идентификација и реакција на современите закани, најавува новиот директор на Агенцијата за разузнавање Еролд Муслиу, во интервју за Дојче веле.

За гласините според кои дел од припадниците на Агенцијата за разузнавање беа споменувани како инволвирани во „Диво насеље“ и „27 април“, директорот Муслиу вели:

-За жал, навистина се работи за два исклучително немили настани, кои ќе останат запаметени во меморијата на сите нас кои го минуваме овој период од развојот на демократијата во нашата држава. Двата настани се случија во многу чувствителни политички моменти и делумно произлегоа од погрешното раководење со безбедносните служби. Секако дека се работи за две темни сенки и во професионалната работа на безбедносниот сектор во кој припаѓа и АР. Самиот факт што и во двата настани се спомнува инволвираност на припадници и на АР во разни фази и нивоа од постапувањето и раководењето со активностите на инволвираните, покажува дека состојбата во безбедносниот сектор била надвор од контрола и сите професионални стандарди. Факт е дека ниту АР ниту Република Северна Македонија, нема да оди напред без расветлувањето на овие случаи. Некои работи едноставно не се забораваат, е сега како можам јас како поединец да ги избришам темните сенки од овие два немили настани проследени со човечки жртви, нанесена физичка болка и уништување на имот? Можам да потенцирам дека целосно ќе се ставам на располагање и ќе соработувам со ОЈО заради расветлување на сите дилеми околу институционалната одговорност во двата случаи, вели Муслиу.

Тој зборува и за реакцијата на ДУИ за неговиот избор.

-Морам да признаам дека реакцијата на ДУИ за мене беше изненадување, бидејќи моето име никогаш не беше спомнато во контекст на „Кумановските настани“. Изненадување е и фактот што ДУИ молчеше за „одговорноста“ сѐ до моето именување. Но, доколку располагаат со други информации и факти од оние со кои располага ОЈО, јас сум подготвен да се разјаснат истите. Еве, да одговорам конкретно на прашањето: најодговорно тврдам дека на никаков начин не сум вмешан во настаните, ниту пак моето име беше спомнато во овој контекст. Но, од позиција на директор на АР, должност ми е да се залагам за целосно расчистување на овие настани. Дополнително, Еролд Муслиу никогаш не бил дел, ниту пак работел и служел на лични служби и лични интереси, секогаш работел и ќе продолжи во тој правец да им служи на својата држава и граѓаните, вели директорот.

Поврзани новости