Исламската верска заедница годинава нема да организира заминување на аџилак по најавите дека Саудиска Арабија ќе прими ограничен број верници. Во соопштението на ријасетот кое го потпиша в.д. реисот Шаќир ефенди Фетаху се наведува дека причините се опасноста од Ковид-19 и ограничувањата кои ги воведе Саудиска Арабија.
Во обраќањето до верниците, се наведува дека ИВЗ како единствена овластена институција за организирање на аџилакот одлуката ја донела врз уредбата на Министерството за аџилак на Саудиска Арабија.
– Драги верници, врз основа на одлуката донесена од Министерството за Хаџ во Кралството Саудиска Арабија, со жалост ве информираме дека оваа година одењето на аџилак е откажано како последица од мерките преземени поради пандемијата ковид19. Врз основа на одлуката на властите во Саудиска Арабија и земјаќи ја во предвид заштита на здравјето на нашите граѓани Ријасетот на ИВЗ како легитимно тело за организирање на организација на петтиот исламски услов – Хаџ, нема да ја спроведе постапка за Хаџ за 1441/2020 година, стои во соопштението.
Минатата година од земјава за аџилак што го организира ИВЗ со локалните муфтиства беа пријавени 850 верници.
Околу 2,5 милиони муслимани годишно ги посетуваат светите места во Мека и Медина во текот на неделата на Хаџ. Годинава аџилакот треба да почне кон крајот на јули, а секој муслиман треба да го стори тоа барем еднаш во својот живот.
Министерот за хаџ, Мохамед Бентен, претходно изјави дека годинешните аџии ќе бидат избрани според строги здравствени критериуми. На оние над 65 години им е забрането учество во хаџот оваа година.
Во Саудиска Арабија има повеќе од 161.000 луѓе заразени со КОВИД-19, а повеќе од 1.300 починале. Изминатите две недели се бележи зголемување на бројот на нови случаи.