Верниците од исламска вероисповед денеска го слават празникот Курбан Бајрам.
На првиот ден од празникот се изведува молитвата за Бајрам – Бајрам намаз, со која верниците бараат милост од Алах. Карактеристично за овој празник е принесувањето жртва – курбан, која има симболика на приближување кон Бога.
Курбан бајрам трае три дена, а прославата почнува 70 дена по првиот Бајрам во годината, Фитр бајрам, и го обележува денот кога е комплетиран светиот Куран. Со овој празник се крунисува аџилакот, кој важи за петти темел на исламот, кој е доказ за солидарност и благосостојба.
Ријасетот на ИВЗ поради актуелната состојба со Ковид-19 се откажа од организирање на главната манифестација, односно утринскиот намаз по повод Курбан Бајрам.
Во сопштението на ИВЗ се наведува дека при Бајрамската молитва, верниците се должни да ги почитуваат мерките кои важат и за извршување секојдневен намаз во џамија, односно, задолжително носење маска, дезинфекција на рацете или носење ракавици и секој верник треба да има лично сеџаде.
Од ИВЗ наведуваат дека џамиите ќе бидат дезинфецирани, но укажуваат дека за извршување на молитвата треба да се користат дворовите на џамиите.
Од верниците, исто така се бара да внимаваат на физичката дистанца, а ИВЗ забранува групирање пред или по молитвата. Абдесот да се зема дома а како што известуваат, абдесхањата и тоалетите ќе бидат затворени.
ИВЗ укажува дека Сабах намаз треба се изврши дома, а намазот на Курбан Бајрам да не трае подолго од 15 минути.
Исто така, се препорачува максимално избегнување на поздравите со физички контакт и откажување од посета на гробишта.
За време на Фитер Бајрам, традиционалните семејни посети да бидат максимално редуцирани, пишува во соопштението на ИВЗ.