Не може да се дојде до компромис со газење врз интегритетот на една политичка партија која пред една година беше клучна и најзаслужна за денеска да имаме парламентарно мнозинство, вели генералниот директор на МЕПСО и портпаролот на Алтернатива по најавите за проширување на владината коалиција со влез на Алијанса за Албанците.
При влезот во владата, вели Муртезани, Алтернатива инсистираше сите преговори да ги води исклучиво со СДСМ и во тој процес партијата пристапила внимателно за градење на соработка до наредните избори, односно во 2024 година.
-И во време кога постојат преговори за проширување на парламентарното мнозинство и во момент кога одредена политика партија ги нуди ресорите што со договор ни припаѓаат на нас, на Алтернатива, тогаш слободно може да кажеме дека е непочитување на договорот што е потпишан во декември во 2021 година, рече Муртезани во „Топ тема“ на „Телма“.
Според него, сè додека нема завршница на преговорите меѓу СДСМ и Алијанса во Алтернатива не знаат дали тоа ќе се одрази врз нивниот договор со СДСМ.
-Имаме принципиелен став што сме го повториле неколку пати, а тој е дека ние нема да преговараме преку медиуми. Сметаме дека принципите врз кои сме дошле до тој договор се многу поцврсти од испраќање пораки преку медиумите, било тоа да е брифирање од Алијанса или СДСМ. Затоа ние инсистираме и до крај ќе инсистираме на нашиот договор што го имаме потпишано, порача тој.