Муртезани од Атина: На патот кон ЕУ немаме поголем пријател од Грција

by fokus

Одговорно тврдам дека немаме поголем пријател и поддржувач на нашата европска интеграција од Грција, истакна министерот за европски прашања Орхан Муртезани, во разговор со дописничката на МИА од Атина, по завршувањето на неговата дводневна посета на Грција, нагласувајќи дека добрососедските односи се заеднички приоритет и имаат потенцијал да се зајакнат и продлабочат.

Муртезани посочи дека ова беше прва официјална посета на Атина на претставник на новата Влада по изборите кај нас, а имаше можност да се сретне и да поразговара со заменик-министерката за надворешни работи Александра Пападопулу и со потпретседателот на грчкиот Парламент и претседател на Комисијата за европски прашања Јоанис Плакиотакис.За МИА оцени дека средбите поминале во одлична и пријателска атмосфера.

Со оглед на тоа што постизборниот период кај нас се совпадна со предизборниот период за евроизборите во Грција пред околу осум месеци и се чинеше дека постои одредено заладување во билатералните односи, министерот за европски прашања, сега оценува дека релациите меѓу Скопје и Атина се пријателски, а „ова пријателство мора и понатаму да се зајакне“.

– Најодговорно можам да тврдам дека овие два дена во Атина се чувствувам како во пријателска земја, многу топло бев примен, на наше располагање беа ставени сите можности и капацитети на Грција да ни помогнат и бидете сигурни дека тоа го прави само земја којашто нè смета за пријател. Ова пријателство мора и понатаму да се зајакне. Добрососедските односи се наш заеднички приоритет, тие мора да се зајакнат. Ние сме земји-членки на НАТО и рамо до рамо придонесуваме за стабилноста во регионот и во светот, така што има многу работи коишто ние треба и мора да ги интензивираме, нагласи министерот.

Со заменичката шефица на грчката дипломатија, акцентот го ставиле токму на прашањата од нивните портфолија – темите поврзани со ЕУ.

-На мојата колешка, заменик-министерката за надворешни работи која е надлежна за европски прашања ѝ се заблагодарив за константната поддршка која Грција ја дава, прво за политиката за проширување, а особено за нашето членство во Европската Унија, бидејќи одговорно тврдам дека Северна Македонија нема поголем пријател и поддржувач на нашата европска интеграција од Грција. Зборувавме за тоа како може на разни начини преку поделба на искуства, грчка експертиза и искуство, прво за тоа како да го забрзаме процесот, како да се подигне процесот на апсорпција на ИПА средствата, како да се продлабочи соработката и искуствата во другите инструменти и фондови на Европската Унија, објасни министерот.

Поврзани новости