Министерот за европски прашања Орхан Муртезани денеска на заедничка прес-конференција со евроамбасадорот Михалис Рокас за Извештајот за напредокот за земјава, кажа дека од клучно значење е зајакнувањето на капацитетите на институциите за имплементација на реформите поврзани со ЕУ.
– Проблемите со капацитетите на институциите да се справуваат со имплементацијата на реформите било години наназад дел од сите извештаи, меѓутоа со оглед на тоа дека ние сега ги финализираме подготовките и треба да се спремаме за отворање на Кластерот 1 секако дека зајакнувањето на капацитетите на МЕП, но и другите линиски министерства е клучно. Мојата прва прес-конференција како министер за европски прашања беше токму на оваа тема каде што алармирав дека структурите ИПА и евроинтеграции се под минималните капацитети за да може да се сносат со предизвиците за успешна имплементација. Истиот феномен го гледам и сега кога веќе воспоставувам структура и се интензивира процесот на координација на институциите за спроведување на реформската агенда ова е разговарано неколку пати на седница на Влада. Оваа структура ќе мора да се зајакне, меѓутоа ќе мора да се зајакне со професионален кадар кој може на директен начин да се вклучи. Се додека не се зајакне структурата со професионален кадар ќе мора да се потпреме на поддршката од Европската делегација, меѓутоа и на техничката поддршка од различни донатори во нашата земја, изјави Муртезани.
На новинарско прашање доколку не се состави политичка влада во Бугарија дали ќе продолжат разговорите или има друг план, Муртезани одговори дека не е момент да се градат хипотетички тези.
– Тоа што е битно во моментот е дека се што требаше да се каже е кажано, сега е време да се работи на изнаоѓање на решение, рече Муртезани.