Тренерот на Рома, Жозе Мурињо му честиташе на Наполи за освојувањето на Серија А, иако има уште половина од сезоната.
Наполи сега води на првенствената табела со 10 бода предност пред Интер и натпревар помалку. Избраниците на Лучијано Спалети денеска ќе играат со Рома во 20. коло од Серија А.
– Очекуваме да го видиме истиот Наполи каков што го гледаме од првиот ден од сезоната. Се надевам дека ќе бидам сфатен правилно, но му честитам на Наполи за освојувањето на шампионската титула. Скудетото е нивно, го освоија и заслужено. Ова е најсилниот тим во лигата, имаат добар тренер, одлични играчи. Тие завршија одлична работа во текот на летото и одлично им оди сега. Имаат двоцифрена предност пред конкурентите за трофејот. Ова е голема разлика. Интер, Милан и другите ривали не се доволно стабилни за да победат седум или осум натпревари по ред. Ние ќе се обидеме да ги изненадиме, изјави Мурињо.
Натпреварот Наполи – Рома ќе се игра вечер со почеток во 20:45 часот.