Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Крсто Муковски, побара од министерот за финансии, Драган Тевдовски, да ги наброи сите фирми на кои што до сега им е исплатен поврат на ДДВ. Муковски тврди дека оние фирми кои побарале поврат се соочиле со ригорозни инспекции од Управата за јавни приходи. Пратеникот рече дека може да каже кои се тие фирми.
-Само што ќе го дадат барањето за поврат на ДДВ, чук чук – УЈП им тропа на врата. Фирмите се плашат, стопанствениците се плашат – посочи Муковски.
Токму претходната влада беше редовно обвинувана од стопанството дека ги злоупотребува институциите за да врши притисок врз стопанствнениците.
На денешната пленарна седница за ребаланс на буџетот, Муковски ја критикуваше Владата за високи задолжувања и за кратења на капитални инвестиции. Рече дека Владата ги копира политиките на претходната.
-Во првите сто дена ќе се задолжите за 150 милиони евра, ќе ги задолжувате граѓаните по 1,5 милиони евра дневно. Ќе го надминете задолжувањето на претходната Влада. Капиталните инвестиции драстичко ќе ги кратите. Ве уверувам дека на овој начин ќе одиме во рецесија, до крајот на годината ќе имаме негативен економски раст – рече Муковски.
Следниот пратеник кој се јави за збор, Благојче Трпески од СДСМ, реплицираше со прашањео до Муковки:
-Вие го скроивте претходниот буџет, зошто во него не ги вклучивте амандманите кои сега ги предлагате? Едно зборувавте тогаш, сега нешто сосема друго – рече тој.
Денеска е трет ден од дебатата за ребалансот која собранискиот деловник ја ограничува на вкупно пет дена.