Речиси 25 години Живко Мукаетов ја гради својата кариера во „Алкалоид“, работејќи на повеќе позиции, а на чело на компанијата е речиси 20 години. За работењето на „Алкалоид“, но и за ставовите поврзани со економската состојба на земјава и регионот, за регионалните иницијативи и за многу други теми, тој зборуваше во интервјуто за порталот InStore.
-Силно ги поддржувам регионалните иницијативи за соработка, како „Коморскиот инвестициски форум WB6CIF“, „Отворен Балкан“ и слични, чија цел е олеснување и унапредување на трговската размена, мобилност на работната сила, брз проток на услуги и разни синергии кои се насочени кон подобрување на конкурентноста на регионот. За „Алкалоид“, регионот е стартна точка од каде што се гради глобалната стратегија. Имаме производствен погон во Белград, хемиска лабораторија во Љубљана и тим за корпоративни правни работи во Загреб. Креиравме регионална фузија која му оди во прилог на деловниот развој, и која ја создадовме сами. Изнајдовме и форми за соработка со нашите конкуренти во Хрватска, Србија и Босна и Херцеговина, вели Мукаетов за тоа дали „Отворен Балкан“ ќе ги придвижи работите во бизнисот.
Генералниот директор на Алкалоид сподели дека во првиот квартал од 2023 година 72% од нивните пласмани биле наменети за извоз.
-Србија е нашиот најголем извозен пазар, а процентуално, земјите од Југоисточна Европа учествуваат со 29% во извозот, 20% се наменети за Источна Европа, 22% се пласмани на западноевропските пазари. Според категоријата на производи, предничат фармацевтските со 90%, а 10% се од сегментот хемија, козметика и билкарство, објаснува Мукаетов.
Тој додава дека неодамнешната инвестиција во погонот за производство на влажните марамчиња, вредна околу 4 милиони евра, вклучува комплетно автоматизирана и роботизирана опрема, дизајнирана и конструирана според најновите нормативи за добра производствена практика и европската регулатива за козметика.
-Особено ни е драго што по 15 години производство надвор од Македонија, денес комплетниот процес го спроведуваме во погоните на нашиот локалитет во Ѓорче Петров. Во овој погон се произведуваат влажни марамчиња и за други приватни трговски марки на етаблирани синџири маркети. До крајот на годинава очекуваме да го завршиме нашиот мегапроект „Таблетно 2“, чија цел е повеќе од двојно зголемување на обемот и поголема флексибилност на производството на цврсти фармацевтски форми. На курсот на континуирано инвестирање сме решени да останеме и во иднина, работејќи на глобализација на брендот „Алкалоид“, достоинствено и посветено, вели Мукаетов.