Премиерот Зоран Заев, вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, министерот за здравство Венко Филипче и министерот без ресор Зоран Шапуриќ денеска ја посетија компанијата „Алкалоид“ АД – Скопје.
Тие имаа средба со директорот на „Алкалоид“ ад Скопје, Живко Мукаетов.
-Би сакал да упатам особена благодарност до Премиерот и високата владина делегација за интересот за Алкалоид. Повод за денешната средба беа резултатите од работењето на компанијата, плановите за влез на нови пазари, проширувањето на производното портфолио и слично. Една од главните теми на средбата беа инвестициите кои ние како компанија континуирано ги спроведуваме и кои во изминативе 20 години надминаа износ од 200 милиони евра.
Дадовме осврт на 2018 година, во која Алкалоид имаше пласмани од над 159 милиони евра, од кои преку 100 милиони беа наменети за извозните пазари и инвестиции во износ од 17 милиони евра.
За прв пат годинава, компанијата доби финансиска помош при процесот на инвестирање. Со овој договор, ние како компанија се обврзавме да инвестираме износ од најмалку 50 милиони евра за период од 5 години, а по констатираното придржување кон одредбите на договорот, ќе имаме право на 10% поврат на износот на инвестицијата, односно максимален износ од 1 милион евра годишно.
Како компанија која инвестира значајни фондови во своите капацитети, знаење и кадри, ваквата поддршка ни е дополнителен стимул од кој бенефит ќе имаат обете страни: компанијата во зголемување и осовременување на капацитетите, а Владата во посилна економија, зашто во секоја здрава економија треба да постои синергија помеѓу владата и стопанството“, изјави Мукаетов.