МУХИ, ИЛИ „МЕРКЕЛ ЗА СИРОМАШНИ”

by Fokus

Не го делам верувањето на Зекири изразено на неговиот фејсбук профил, од кое јасно се огради неговата политичка партија- СДСМ.

Како што разбрав,  верувањето на Мухамед е засновано на извесни читања на Коранот, иако, за доктринарните позиции на Исламот спрема хомосексуалноста, нема да се потпирам на ставот на Мухи , туку очекувам од ИВЗ  официјален став – и тоа, што поскоро!

Сепак, иако не го делам верувањето со Мухамед, јас го почитувам неговиот избор, тој да биде слободен и да си верува во какви сака религиски системи – наместо да биде како мене и да се потпира на научно востановени факти, затоа што – право на секој човек е, па макар тој и да е пратеник, да си верува во религиски системи околу кои може да го ситуира својот идентитет – оти за некои луѓе (повеќето ми се чини денес  се такви!) токму религијата е аскрипција на  нивниот индивидуален и културен идентитет со подеднаква важност како и сите други акрипици – јазик, сексуалност, боја на кожа, па дури и политички став.

Очигледно е дека статусот на Мухамед, е контроверзен за ова општество, но, тоа го сметам за  предност, а не е загуба, затоа што конечно се отвора дебата за важните прашања околу кои ќе мора да се договориме.

Имено,  статусот на Мухамед  покрена најпрво конретни пазарно –политички препукувања и манипулации со јавноста од типот  на тоа – колку гласа донел Мухамед за СДСМ, па се до лични инекции на минати и сегашни стуктури во СДСМ. Искрено, овој дел од дебата, за мене е најдосаден и страшно малограѓански, иако, како таков – тој е  факт на секоја политичка реалност, па така и на нашата, затоа што гласовите на “ваквите” или “онаквитe”  на крајот на денот се изразуваат во бројки  т.е. во  гласови, а со гласови се зема власта. Ова е елементарна политичко-пазарна логика на секоја демократската борба – и од тоа нема бегање. Попазарени се гласовите, имено, на “сите” групи (етно религиозни, лингвистички, сексуални итн).

Но, во оваа фаза на македонската реанимација – тие како такви не сметам дека треба да си конкурираат и убедена сум дека конкурентните идентитети може да бидат присутни во рамки на една иста политичка идеологија – колку и таа да е непостојана ценето од аспект на “криза на идеологиите”; денес во 21век, а уште повеќе во услови кога  “нестабилното себство” лесно наоѓа разноразни идентитетски прибежишта. Со други зборови, никој нема право на идентитески ексклузивитет изразен во политичка прагма. Притоа, јасно сакам тука да нагласам една важна теоретска одредница на која се приклонувам во однос на ова -според која, флуктуирачката компонента на идентитетите во фенономенолошка смисла не ја зема за взаемно исклучива со фиксната компонента на еден идентитет (вторава, се заснова на стабилни и утвредни морални консидерации и системи на вреднување, независно од каде тие произлегуваат).

Статусот на Мухамед го отвори прашањето за опсегот на слободите и правата наспроти говорот на омраза

Статусот  на Мухамед,  фала богу го отвори  и прашањето за  опсегот на слободите и правата –напр. на изразување наспроти говорот на омраза  (стара дебата, да; и не мора да се потресуваме околу тоа – доволно е да се поднесе една претставка пред ДКЗД или да се обратите на народен правобранител, па лесно ќе се утврди одговорноста – ја има или ја нема Мухамед – од аспект на јавност!). Но, секако, ново за нас овде во жабокречинава, е дека оваа стара тензија е доведена и во врска со религиозните слободи и нивно изразување. Дотолку повеќе, што дебатата се продлабочува и со дискусии за разните религиозни школи во рамките религиозни системи ( напр. школите кои ќе прокламираат фундаментални и ортодоксни ставови – како оние произнесени кај Мухамед, или оние  поумерените,  како  напр. кај германските муслимамски парламентарци – јас, уште чекам официјален став на ИВЗ, патем).

Накратко, оваа дебата почнува со елементарен судир пред се на основните права и слободи, а завршува, ако има среќа да заврши воопшто, со консенсуз околу тоа до каде ќе се протега опсегот на слободите и правата и за илибералните култури во рамките на либерално демократскиот поредок (или би се рекло правото тие да си експонираат свои „анахрони“ начини на живот). Консензусот, се чини, ќе го  пресретнеме онаму  – во точката на забрана за репресија најпрво, врз своите членови или ако се загрозуваат индивидуалните права на другите.

Станува збор на идејата на илиберален конституционализам, или консититуционализам  кој ќе овозможи деликатен баланс на групни и индивидуални  права и слободи. Еден од поексплицитните  изрази на ова е  т.н. паралелен правен поредок во рамки на една иста држава (исклучок од општо право или признавање на обичајно право за семејни односи, напр;но, ова  е  веќе друго ниво на дебатата). Дополнителен рефлекс е и потсмевањето со чувствата на другиот – на пример на верниците, исто како и потсмевањето со чувствата на хомосекусалците, или потсмевањето со фашистите и сите други именувани како „глупи” или  „неосвестени накази”.

Имено , сето ова се  проблематизира  и од аспект на говор на омраза, при што,  „порадикалните” идеи сметаат дека дури и говорот на омраза е пожелен заради  соочувањето  со ставовите и заради бришењето на остарата црта меѓу јавното и приватното (секуларна вредност – што денес е сериозно доведена во прашање). Прашањето, накратко е: до каде ќе се цепиме на јавни и приватни личности; или зашто да сум геј и верник само за по дома?!Ете така, статусот на Мухамед, засега го отвори и прашањето за сфаќањето на „секуларноста” во фактички мултикутурен сетинг;поточно го проблематизира односот на државата и на незините претставници кон оние религиозни заедници за кои политичкиот авторитет  произлегува од религиските консидерации…

Тоа е прашањето што виси и треба да се одговори…

Ана Чупеска-Станишковска

 

Поврзани новости