Директорот на Финансова полиција, Арафат Муареми, најавува нови случаи поврзани со проектот „Скопје 2014“, во кои се осомничени поранешни државни функционери, а кои истражуваат поголеми злоупотреби на буџетските пари од случајот со мостот „Око“.
-Факт е дека во последно време Управата за финансиска полиција го дава својот ангажман во борбата против финансискиот и организиран криминал и е ориентирана за гонење на кривични дела кои произлегуваат од злоупотребите на јавните личности, односно функционерите кои имаат обврска да дават отчет за својата работа пред граѓаните. Последниот настан кој се случи во Управата е предметот за изградбата на мостот „Око“. Такви настани во брзо време ќе има и други и ќе бидат поинтересни од тоа што веќе беше јавно кажано на прес-конференцијата на Управата – изјави Муареми во интервју за „Радио Слободна Европа“.
На прашање во која смисла поинтересни, тој додава:
-Поинтересно во смисла дека износите коишто се злоупотребени, а тие се буџетски пари се многу поголеми од тие кои беа споменати за мостот Око – вели Муареми.