Муареми до Русковска: Знаев дека ќе го злоупотребите институтот на „наводен притисок“ врз институциите

by Fokus

Директорот на Агенцијата за финансиска полиција, Арафат Муареми, реагира на  изјавата на обвинителката Вилма Русковска, која тврди дека претставката за претрес на просториите на агенцијата е поднесена минатиот вторник до обвинителот  Љубомир Јовески, а нејзиното соопштување сега во јавноста го смета за директен притисок врз работата на обвинителството и судот.

– Уште кога го пишував соопштението свесен бев дека Русковска ќе го злоупотреби институтот на „ наводен притисок“ врз институциите, но сепак, Обвинителке, штитењето на своите права и правата на Управата за финасиска полиција од неосновани и незаконити дејствија и реакција до надлежните органи е моја обврска и по Уставот и по законите, реагира Муареми.

-Ние само проверуваме наводи во пријава и во тоа нема ништо лично. Ако е работено сѐ по закон, тогаш не ја разбирам паниката и притисокот што се прави, ќе повторам, врз обвинителството и судот, рече Русковска.

Муареми,  претходно во врска со претресот што Обвинителството за организиран криминал го започна на 18 јули, денеска соопшти дека има суштествени недостатоци на наредбата за претрес и начинот на постапувањето при неговото спроведување.

-Поради „низата недоследности, нелогичности, излегувањето надвор од рамките на законската практика, како и неоснованоста на примена на мерката претрес, кои упатуваат на прилично самоволие во постапувањето на Обвинителството од страна на Управата за финансиска полиција, до Јавниот обвинител е поднесена претставка, согласно своите законски надлежности да го испита постапувањето на наведеното обвинителство во конкретниот случај“, се вели во соопштението.

Муареми оценува дека со овие дејствија била нанесена голема штета на угледот на Управата за финансиска полиција, на сите вработени во Управата, но и на неговиот углед како директор.

Обвинителството за организиран криминал и корупција минатата недела влезе во Управата за финансиска полиција. Првичните информации беа дека наредбата е издадена по пријава на група граѓани против директорот.

Тој појаснува дека со наредбата дале квалификација основано соменение, а Русковска вели дека само проверуваат наводи по пријава, ваква мерка и кфалификација се дава кога веќе е на располагање доказниот материјал.

С.Т.

Поврзани новости