Му простив на арамијата што ме ограби, важно е што песната излезе светска, вели Игор Митровиќ

by Fokus

Поп пејачот Игор Митровиќ, по неколкугодишна пауза, минатата недела ја промовираше новата песна. Станува збор за нумера на англиски јазик, насловена ,,You”, за која текстот го напишал Miceal O’Kane, а музиката е на Бобан Апостолов.

За ,,Фокус” Митровиќ раскажува дека песната долго време стоела во фиока. Тој живееше во Танзанија, па кога неговиот пријател Бобан Апостолов, кој е композитор и продуцент на песната, му дошол во посета, решиле да ја снимат.

-Изнајмивме музичко студио во Дар Ес Салаам, градот каде живеев, и ги снимивме вокалите. Станува збор за студио кое е едно од најголемите и најпопуларните во тој регион, и се простира во огромна зграда. Менаџерот на студиото не пречека љубезно, не прошета низ целиот комплекс, и ни го покажа апартманот во кој можевме да се одмориме и подготвиме, но и да бидеме сместени за време на паузите кои ги правевме додека траеше снимањето.

И се одеше според планот, снимавме, имавме пауза за ручек, а јас со себе го носев мобилниот телефон и лист на кој беше напишан текстот на песната. Ранецот со поголема сума на пари и други ситници, кои немаа значителна вредност, ми останаа во апартманот. Кога ја снимивме песната и се вративме, сфатив дека не сум ја заклучил вратата. Ранецот со парите го немаше. Веќе беше 20 часот, студиото затвораше во 21 часот, немавме време ниту да бараме. Ја пријавивме кражбата, но јасно ми беше дека тешко ќе се најде сторителот, па се помирив со настанот. За среќа, песната излезе светска, му ги простив украдените пари на крадецот – вели Игор.

Појаснува дека кога ја снимале песната во Танзанија, имала друг аранжман, малку поинаква мелодија, и планот бил да се промовира надвор од Македонија. Но, се случи панедмијата со корона вирус, па ја одложиле промоцијата.
-Одлучивме да причекаме, да видиме што ќе се случи. Општо е познато дека сите бизниси тргнаа по удолна линија. Помина доста време, се менуваат музичките стилови, па со Бобан решивме да ја надградиме и песната. Го сменивме аранжманот во денешен модерен стил, и падна одлуката да ја промовирам во Македонија. Комплет ја преснимивме во студиото на Бобан, и ја издадов преку издавачката куќа ,,NBBO Music Group” на чело со Аријан Демоли-раскажува Митровиќ, кој по неколку години поминати во Танзија, сега повторно е во Македонија.

Додава дека нема конкретни планови за во иднина, дозволил нештата да му се случуваат спонтано, но љубовта кон музиката секогаш му била водилка низ животот.

-Од една страна, многу жалам што си заминав од Танзанија, од друга страна сум среќен… Меч со две острици, можат да разберат тие кои живееле подолг период во странство. Животот таму ми беше тотално поразличен од овде. За смирен живот, релаксација и одмор, тоа е правото место. Но, плановите кои ги имам и полека ги остварувам, не координираа со Танзанија и мојот тамошен живот.

За многу работи, рацете ти се врзани и не можеш да го оствариш тоа што го сакаш. А јас сум млад, сакам да творам, да создавам, својот бизнис да го градам во нагорна линија. Танзанија ми ставаше препреки поради некои работи, за кои јас ништо не можев да преземам, бидејќи не зависеа од мене.

Од друга страна, два пати фатив маларија, многу набргу едно по друго. Препораката од тамошниот лекар беше да се вратам дома на подолг период, бидејќи имунитетот ми беше многу опаднат. Ми посочи дека можам бргу и лесно да фатам маларија и по трет пат, и тоа да не заврши добро.

Неколку дена после тоа, јас веќе бев во Македонија. Оставам времето да покаже дали ќе се вратам или не. Сепак, патот ме донесе тука и ми покажа дека треба да останам. Одлично се снајдов во работата што ја работам, подобро не можеше да излезе – вели Игор, кој магистрираше на Универзитетот ФОН, на отсек графички дизајн.
Раскажува дека од Танзанија му недостигаат плажите, природните убавини, Занзибар, ноќниот живот, но и мирното секојдневие без брзање и нервози.

-Сестра ми живее таму, па ако годинава се биде како што треба, не е исклучена можноста да и отидам на посета. Немам долгорочни планови, оставам нештата да одат по својот природен тек – ни изјави музичарот, кој своевремено беше активен на речиси сите забавни фестивали и сними повеќе хитови.

Вики Клинчарова

Поврзани новости