Основното јавно обвинителство Скопје побара продолжување на притворот за осомничен за тешко разбојништво, кој со закани одзел пари, телефони и часовник од домот на оштетениот. Во друг случај обвинетиот одзел паричник од жена од Скопје, која во тој момент влегувала во зградата во која живее.
ОЈО Скопје соопшти дека поднело Обвинителен акт против 29-годишник против кого се води постапка за кривични дела – Разбојништво од член 237 став 1 во врска со член 22 и Тешка кражба од член 237 став 1 точка 3 од Кривичниот законик.
„Обвинетиот, на 13 април, заедно во договор со непознато женско лице, со употреба на сила и закана одзеле предмети од еден оштетен. Жената му се доближила на оштетениот пред зградата во која живеел и го прашала дали сака да му го чисти станот. Тој и кажал дека во моментов нема потреба за тоа и тргнал кон станот. Но, во моментот кога влегувал дома, двајцата неповикани влегле по него, при што обвинетиот го турнал оштетениот и со влечење го однел во една од собите. Му се заканил со нож и побарал од него да му ги даде парите. Пребарувајќи низ станот, одзеле паричник со 2.250 денари, два мобилни телефони, рачен часовник и други предмети, во вкупна вредност од околу 21.750 денари“, соопшти ОЈО.
Од Обвинителството велат дека на 15 април, на улицата „11 Октомври“ во Скопје, обвинетиот на дрзок начин одзел паричник со 2.000 денари од оштетена која во тој момент влегувала во својата зграда.
„Надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави и предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за обвинетиот, бидејќи таквата мерка се уште е неопходна за непречено водење на кривичната постапка“, соопшти ОЈО.