Во тек на вчерашниот ден 50-годишен маж од кавадаречко село бил повикан на службен разговор во ОВР Кавадарци, бидејќи дошол во дворот на неговиот соселанец и пукал во неговото куче, по што го погодил со дијабола или сачма.
Сопственикот на кучето го пријавил случајот во полиција.
Од СВР Велес информираат дека кај педесет-годишникот биле пронајдени три пушки, и тоа пневматска пушка „ретај“ и две ловни пушки „баикал“ кои ги поседувал со соодветна документација.
-Од страна на полициски службеници од Г.Ј.(50) биле одземени пневматска пушка „ретај“ и две ловни пушки „баикал“ кои ги поседувал со соодветна документација. По документирање на настанот против него ќе биде поднесена соодвтена пријава, известија од СВР Велес.
Ова не е првпат домашни, но и улични кучиња да бидат ранети или пак убиени со огнено оружје, односно со воздушна пушка до која се доаѓа лесно, само со лична карта. Вакви настани редовно се регистрираат во полициските дневни билтени ширум земјава.
Како што појаснуваат добро упатени лица, со тек на годините воздушните пушки се изработуваат по нови стандарди и се се помоќни, за разлика од оние кои кај нас биле застапени пред триесеттина години, па со моќноста која ја имаат новите модели, може да се предизвикаат сериозни повреди кај човек, но и да се убие помало животно.
Изминатите години беа регистрирани повеќе случаи на намерно ранување на човек со воздушна пушка во земјава. Во Гостивар пред две години младо момче пукаше кон својот другар и тешко го рани, по што доби обвинение за кривично дело тешки дела против општата сигурност.
И во Врапчиште имаше случај кога малолетник погоди и тешко рани свој врсник со воздушна пушка.
Пред три години пак, скопјанец рани шест-годишно девојче со воздушна пушка, која без дозвола ја зел од сопственикот, а настанот се случи во Македонски Брод.
Прилепчанец пак, во 2020 година, кој сакал да погоди куче со воздушната пушка, го рани својот братучед во пределот на главата, и повредениот со тешки повреди беше пренесен на скопските клиники. Истата година, кавадарчанец по расправија со својата баба пукаше кон неа со воздушна пушка и и нанесе тешки повреди.
Јавноста се сеќава и на случајот од 2019 година, кога старец од Тетово пукаше кон група деца кои му правеле врева пред зграда, по што едно дете беше погодено и се здоби со повреди.
Тогаш беа актуелни реакциите да се постават повисоки критериуми за добивање на овој вид на оружје, кое е лесно достапно и широко распространето.
Инаку, воздушните пушки се продаваат по цена од 150 евра, па нагоре, во зависност од моделот, а се користат за спорт, но и за лов на птици и зајаци. Во Македонија, според голем број на евидентирани случаи, незаконски се користат за убивање и ранување на мачки и кучиња, а во бројни регистрирани случаи дијаболите завршуваат и во луѓе.
Вики Клинчарова