Вооружен маж утринава пукал врз вработените во бродската компанија во Атина, па убил три лица, а потоа се самоубил. Полицијата соопшти дека осомничениот е незадоволен поранешен вработен, пренесува Дојче веле.
Грчките медиуми јавија дека пукачот убил двајца мажи и една жена, пред да се самоубие.
На местото на настанот во канцелариите на Европската навигациска компанија пристигнала брза помош. Според Ројтерс, по инцидентот, антитерористичките сили први влегле во зградата.
Осомничениот бил пронајден мртов покрај пушката за која се верува дека била употребена во престрелката, објави грчкиот весник „Катимерини“. Во автомобилот на осомничениот пред деловната зграда бил пронајден и пиштол.
ЕРТ објави дека осомничениот е 70-годишен поранешен вработен кој неодамна добил отказ. Меѓу загинатите е и сопственикот на компанијата.
Полицијата пронашла и две неповредени жени кои за време на нападот биле заклучени во бањата.