Претходната влада, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, не предвидела никакво покачување на пензиите при донесувањето на Буџетот за 2017 година, велат денеска од Министерството за труд и социјална политика.
Со донесување на ребалансот на Буџетот за 2017 година, од страна на актуелната влада, се обезбедија средства за усогласување и исплата на пензиите до крајот на 2017 година. Лажни се наводите изнесени од страна на ВМРО ДПМНЕ дека во 2016 година пензионерите добиле усогласување од 7.500 денари, бидејќи со измени на Законот за пензиско и инвалидско осигурување (во септември 2016 година) Владата на ВМРО-ДПМНЕ воведе усогласување на пензиите во 2016 година само со исплата на ноемвриската пензија, која се исплати во декември. Значи, пензионерите во 2016 година добија еднократно 630 денари со ноемвриската пензија. На пензионерите им било ускратено правото, според кое, како растат трошоците на живот, така да растат и пензиите. Ние го враќаме системското, праведно решение, се вели во соопштението.
Од МТСП велат дека усогласувањето на пензиите од 1 јануари 2017 година изнесуваше 0,82%, а усогласувањето на пензиите од 1 јули 2017 година ќе изнесува околу 1 отсто. Владата на Република Македонија на крајот на годината ќе ја разгледа можноста да се изврши и дополнително зголемување на пензиите.