Министерството за труд и социјална политика најостро реагира на дрската злоупотреба на децата и младинците без родители и родителска грижа во СОС Детско село од страна на кандидатката за претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова.
Оттаму велат дека Силјановска денеска подготвувала оброци за децата од СОС Детско село, манипулирајќи ја јавноста дека тие се загрозени и дека им е неоходна храна.
-Министерството за труд и социјална политика ја информира јавноста дека СОС Детско село е приватна установа која згрижува деца без родители и родителска грижа врз основа на управен договор склучен со државата, а трошокот за секое дете на месечно ниво го покрива надлежниот Центар за социјални работи и тој изнесува 18.000 денари. Освен користењето на месечниот надоместок, според договорот, ПУ СОС Детско село има обврска децата да ги згрижува на начин што е во најдобар нивен интерес, да им обезбеди исхрана, облека, нега, грижа и воспитание до нивно враќање во семејството, односно до оспособување за самостоен живот и работа. Установата е должна на децата и младинците да им обезбеди посетување основно и средно образование во соодветна установа, организирање стручна помош за успешно совладување на воспитно-образовните програми, да организира разни облици на работа и живот, како и да се грижи за нивното здравје, наведува МТСП.
Оттаму додаваат дека Република Северна Македонија ја има ратификувано Конвенцијата за правата на детето и дека во согласност со членот 36 од Конвенцијата, државите што ја имаат ратификувано оваа Конвенција се должни да ги штитат децата од сите штетни форми на искористување за доброто на децата. Злоупотребата на децата, како што додаваат, кои се без родителска грижа и се под заштита на државата, за партиски интереси претставува најгрубо кршење на детските права и е во спротивност на најдобриот интерес на детето загарантиран со Конвенцијата.