Министерството за труд и социјална политика денеска до Основното Јавно обвинителство доставува кривична пријава против непознат сторител и сите документи од анализата на пензискиот систем со која беа откриени неправилностите во распределувањето придонеси за дел од идните пензионери.
-Темелните истражувања на пензискиот систем кои ги направи Министерството за труд и социјална политика со Меѓународните финансиски институции за првпат по 12 години откри дека кај 12.000 осигуреници уплатените придонеси останале само во државниот пензиски столб. За нив воопшто не се распределувале средства во приватниот (втор) столб, иако осигурениците ги исполнувале условите. На овој начин директно им било скратено правото за остварување повисока пензија на овие 12.000 идни пензионери. Така, еден осигуреник со просечна плата има изгубено околу 95 илјади денари во период од 2007 до 2018 година, се наведува во соопштението.
Министерството за труд и политика, како што посочуваат оттаму, ја исправа неправдата која претходната власт им ја нанела на овие луѓе и им ги враќа парите на граѓаните.
-За таа намена на приватните пензиски друштва ќе им биде исплатена сума од 19 милиони евра обезбедени од од Буџетот на РМ. Овие средства ќе бидат распределени на оштетените осигуреници, односно на секој по околу 400.000 денари, велат од МТСП.
Лошите и неодговорни политики на претходната власт, како што стои во соопштението, доведоа до покачување на дефицитот на ПИОМ од 15 милијарди денари. Со цел да се намали овој дефицит, Министерството за труд и социјална политика изготвило пакет мерки кои стапија на сила од 1 јануари 2019 година. Преку нив се менува структурата на двостолбниот пензиски систем.
Целта на МТСП, како што истакнуваат оттаму, е да обезбеди стабилна исплата и континуиран раст на пензиите, и тоа без зголемување на старосната граница или замрзнување на пензиите.