Паричните средства за корисници на финансиска поддршка за справување со енергетската криза ќе бидат исплатени на 12 јануари 2023 година, соопшти денеска Министерството за труд и социјална политика.
Списокот на корисници на паричните средства за финансиска поддршка за справување со енергетската криза ќе се објави утре, на петти јануари 2023 година на веб-страниците на Министерството за труд и социјална политика и на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Северна Македонија (корисници на пензија во висина не поголема од 11.525 денари месечно, односно во висина не поголема од 14.000 денари месечно, како и корисници на право на надоместок за телесно оштетување).
Списокот ќе биде објавен и на веб-страницата на Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија (невработени лица – корисници на право на материјално обезбедување во вид на паричен надоместок).
–Списокот се објавува со цел граѓаните да можат да извршат проверка, а доколку лицето не е на списокот, а смета дека ги исполнува условите како корисник на право, може да поднесе приговор до Комисијата за одлучување по приговори за финансиска поддршка при Министерството за труд и социјална политика, во рок од три дена од денот на објавувањето на списоците на корисници на финансиската поддршка, се вели во соопштението.
Приговорот може да се поднесе преку архивата на Министерството за труд и социјална политика или преку електронската пошта mtsp@mtsp.gov.mk.
Списокот на корисници на паричните средства за финансиска поддршка за справување со енергетската криза ќе биде отстранет од веб-страницата на Министерството за труд и социјална политика, веб-страницата на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Северна Македонија и веб-страницата на Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија по истекот на три дена од денот на објавувањето.