Унапредување на вклученоста на граѓанските организации во секторот образование, вработување и социјална политика беше тема на денешната средба на министерката за труд и социјална политика Мила Царовска и министерот за образование и наука Арбер Адеми со граѓанските организации, организирана на иницијатива на министрите.
Во рамки на оваа Секторска работна група, информираат од Министерството за труд и социјална политика (МТСП), се дискутираат, идентификуваат и поставуваат приоритетите во образованието, вработувањето и социјалната политика. Исто така, се обезбедува секторска и донаторска координација во имплементација на националните политики.
-Силно верувам дека успешни политики се креираат само со учество на сите општествени чинители. Преку секторската работна група заеднички носиме одлуки од областа на образование, вработување и социјална политика. Тука се вклучени релевантните национални институции и организации, донатори, бизнис заедницата, граѓанските организации и социјалните партнери, порачала министерката Царовска.
Вклученоста на граѓанскиот сектор, како и вклученоста на социјалните партери во Секторската работна група, според МТСП, особено е значајно во овој период. Започнува фазата на дефинирање на нов циклус политики, а следува и процесот на планирање и програмирање на претпристапната помош за периодот по 2020, односно програмирањето на ИПА 3.
-Невладините организации ги гледаме како силни поддржувачи не само во креирањето на политиките, туку и во нивната имплементација и понатамошниот мониторинг на процесите. Затоа сметаме дека е неопходна вклученоста на граѓанските ораганизации со кои треба да имаме поинтензивна тесна соработка, посочил министерот Адеми.
Европска комисија има дефинирано рамка со пет приоритети што може да се финансираат. Преку работата на Секторската работна група ќе се дефинираат стратешките тематски и идните акцискиски програми.