Во тек е дистрибуција на пакети со средства за лична хигиена и за дезинфекција за семејствата што живеат во супстандардни услови, информира Министерството за труд и социјална политика.
Хигиенските пакети, се вели во соопштението, ќе им помогнат на оние на кои им се најпотребни полесно да ги спроведуваат мерките за избегнување на инфекција во домашни услови.
– Изминатите денови, тимовите од Центрите за социјална работа од Пробиштип, Тетово, Скопје, Ресен, Виница, Свети Николе, Крушево, Гостивар, Крива Паланка, Валандово и Куманово поделија пакети на над 400 семејства кои живеат во супстандардни услови. Во наредните денови акцијата продолжува и во другите центри, соопшти МТСП.
Оттаму наведуваат дека системот на социјална заштита непречено функционира, а центрите за социјална работа ги извршуваат активностите согласно потребите на граѓаните и мерките и препораките на Владата.
– Поддршката од заедницата е посебно значајна во кризни услови. Само заеднички можеме да се заштитиме и да го заштитиме заедничкото здравје, додаваат од Министерството