Од Министерството за труд и социјална политика ги демантираат претходните обвинувања на Живко Митревски, кој и понатаму тврди дека е легитимен претседател на Сојузот на синдикати на Македонија.
„Решението кое што МТСП го прогласи за ништовно е врз основа на член 124 од Законот за општа управа постапка, а не врз основа на Законот за работни односи, како што тврди Митревски. Претходниот министер Ибрахим Ибраими го поништил решението донесено од страна на поранешната министерка Фросина Ременски, а согласно споменатиот член 124 од ЗОУП, Министерството нема законски услови да го поништи тоа решение.“, велат од Министерството.
Од таму појаснуваат дека барањето за поништување на решението на Ременски го поднел Живко Митревски, како неовластено лице, на кој во меѓувреме му претстала функцијата претседател на ССМ. Со тоа Министерството ја признава одлуката на Советот на ССМ донесена на 13-ти ноември 2016та година со која Митревски беше разрешен од функцијата, а на негово место беше назначен Дарко Димовски како в.д. претседател.
„Во списите на предметот нема релевантен доказ дека Живко Митревски е законски претседател на ССМ во моментот на поднесување на барањето за поништување на решението бр. 08-8191/2 од 14.11.2016 година, па од тие причини МТСП постапувало по барање од неовластено лице, што е дополнителна причина за ништовност на решението“, додаваат од таму.