На повеќе од половина милион граѓани барем еднаш им било побарано мито, покажуваат податоците од истражувањето на Македонскиот центар за меѓународна соработка.
Поразителни се податоците што во споредба со 2014-та година нивото на корупција е зголемено, но отпорот кон неа кај граѓаните речиси и да не постои. Само 7,4% од граѓаните ја пријавуваат корупцијата, иако две третини од нив се свесни за неа.
Судиите, министрите, лидерите на политичките партии, пратениците, цариниците и јавните обвинители, граѓаните ги сметаат за најкорумпирани.
Најчеста корупција е поткуп на полицаец, а потоа следат државните службеници. Голем дел давале подароци кај лекари, но ова го сметаат како знак за благодарност, а не подмитување.
Освен тоа, анкетата покажува и дека Албанците се поголеми жртви на корупција отколку Македонците. Над 80 отсто од Албанците на кои им бил побаран поткуп ги дале бараните пари.
Инаку, истражувањето на ЦМС е правено на 1000 испитаници од 27 јануари до 3 февруари годинава според метод признаен од ООН како најдобар за мерење на корупцијата во една земја. Истражувањето го помогна фондацијата USAID.