МЦМС: Граѓаните со позитивни чувства кон лицата со посебни потреби, а со предрасуди кон ЛГБТ заедницата

by Fokus

Мнозинство македонски граѓани покажуваат позитивни чувства кон жените – 82,6 отсто, лицата со посебни потреби – 80,6 отсто и возрасните луѓе над 70 години – 80,3 отсто.

Високи се вредностите – над 70 процентна поддршка и за младите под 30 години, христијаните, мажите, лицата со нарушена ментална состојба и муслиманите, покажуваат резултатите од последното истражување на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) за „Ставовите и искуството со предрасуди, социјална дистанца и еднаквост во Северна Македонија“.

Од друга страна, 53,5 проценти од граѓаните отворено ги искажуваат своите негативни чувства или предрасуди кон лезбијките, геј и бисексуалните лица, а нешто помал е процентот од 46,3 отсто на оние кои изразуваат негативни чувства кон трансродовите лица или имигрантите – 21,6 проценти.

-Што се однесува на личното искуство со предрасуди, одговорите на оние кои рекле дека голем дел од времето се соочуваат со нив е под 10 отсто. Меѓу оние кои понекогаш се соочиле со предрасуди најбројни се тие кај кои основата била полот 13,3 отсто, потоа политичката припадност 11,1 отсто и етничката припадност 10,3 отсто.

Анализата за социјална дистанца покажува прилично конзистентен тренд па така, на испитаниците им е попријатна идејата да имаат за раководител, сосед или да се дружат со некој кој е од различна етничка припадност или вера, отколку нивни близок роднина да стапи во брак со некој/а од различна етничка или верска припадност. Мнозинство на испитаници или 67,5 проценти сметаат дека е подобро да се склопи брак со жена/маж од иста вера, велат од МЦМС повикувајќи се на резултатите од истражувањето.

 

Поврзани новости