Најтрофејниот македонски кошаркарски клуб Работнички најави враќање на шампионските патеки, откако договори стабилен финансиски партнер и потпиша денеска четиригодишен спонзорски договор со регионалниот телекомуникациски гигант Мтел Србија во вредност од 1.4 милиони евра.
Договорот меѓу Работнички и новиот генерален спонзор Мтел Србија го потпишаа попладнево во Скопје извршниот директор на скопскиот клуб Горан Веселиновски и извршниот директор на српската компанија Марко Лопичиќ, во присуство на македонскиот премиер Димитар Ковачевски и градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.
Работнички со 25 трофеи е најуспешниот македонски клуб, но финансиските проблеми влијаеја клубот измината деценија да освои само една шампионска титула (2018).
Изразувајќи задоволство од договорената соработка со Мтел Србија, извршениот директор на Работнички најави дека пред клубот од Градскиот парк е подобра иднина и враќање на победничкиот бренд.
– Изминатиот период имавме голема борба со проблемите, но сега не чека посветла иднина. Ние како спортски работници и спортисти треба да покажеме борба на терен и со макотрпна работа повторно да стане расадник на таленти и нови репрезентативци. Порано како по навика се знаеше дека Работнички секогаш ќе биде прв и сакам тоа чувство да го вратиме меѓу граѓаните, изјави Веселиновски.
Нарекувајќи го Работнички „клуб со голема историја“, извршниот директор на Мтел Србија изрази надеж дека пред екипата е „блескава иднина“.