Три дена по настанот со Андреа Коевска и знамето, кој ја вознемири јавноста, по што јавниот сервис МРТ со остра осуда порача дека се разгледува можност за нејзино повлекување од Евровизија, одлуката се уште не е донесена.
Во меѓувреме, македонската евровизиска делегација составена од седум лица, кои заминале на настанот во Италија, останува таму да ја чека конечната одлука, дали Македонија воопшто ќе настапи на втората полуфинална вечер на 12-ти мај, или пак целиот тим ќе се врати назад.
Од МРТ за „Фокус” велат дека ќе има соопштение на темата, бидејќи одлуката се носи на повеќе нивоа, а се чекал став и од ЕБУ.
Појаснуваат дека во македонскиот евровизиски тим кој од Скопје заминал во Италија имало седум лица, односно Андреа, придружните вокали, Мери Попова која е шефица на делегацијата, режисер, шеф на прес и авторот Александар Масевски.
Неофицијално, од денес требало да им се приклучи и лице задолжено за шминка, како и сопругата на Масевски, Билјана Пашариковска, која помагала околу настанот, но таа би патувала во приватен аранжман.
Од МРТ првично информираа дека и против одговорните во македонската делегација ќе бидат преземени сите законски можности за најстрого санкционирање за скандалот, но и по три дена, нема информација што конкретно ќе биде преземено.
Вики Клинчарова