714
МРТ деновиве го распиша конкурсот за избор на необјавени авторски композиции, забавни мелодии, кои што ќе бидат изведени во придружба на Ревискиот оркестар на МРТ на фестивалот „Скопје 2016“. Конкурсот трае до трети октомври годинава, а фестивлот ќе се одржи во месец ноември.
Право на учество на конкурсот, имаат сите државјани на Република Македонија, како и автори и изведувачи вон Република Македонија – со напомена дека текстовите на композициите мораат да бидат на македонски јазик. Фестивалот има натпреварувачки карактер, а годинава победникот ќе си замине со награда од 600.000 денари, второпласираниот со 450.000 денари, а третопласираниот со 300.000 денари.
Средствата за надомест на композициите, како и паричните награди за трите првопласирани композиции, ќе бидат распределени по принципот: 25% за секој од членовите на авторско – изведувачкиот тим (музика/текст/аранжман/ изведувач). Исто така, секоја композиција која што ќе биде избрана на овој конкурс, ќе добие финансиски надомест во бруто вредност од 60.000 денари, наменети за комплетниот авторско – изведувачки тим.
Преклани на фестивалот победи Даниел Кајмакоски со песната ,,Лисја есенски,, и ја претставуваше Македонија на Евросонг, додека пак лани победници беа ,,Ај Кју,, со песната ,,Убава,, но наместо тие, Калиопи со песната ,,Дона,, беше избрана од МРТВ да не претставува на Евросонг. Оваа година, на фестивалот ,,Скопје 2016,, нема да се избира македонскиот евровизиски претставник.
Во објавениот конкурс е напоменато и тоа дека МРТ го задржува правото на нарачки на композиции.