По реакциите во јавноста и осудата за Македонската радио телевизија која не ја пренесуваше собраниската седница на 27 април, кога се случи насилството во парламентот, денеска со реакција се огласи МРТ во која тие се правдаат дека Програмскиот совет на телевизијата одлучил седницата да биде затворена за јавност.
„Програмскиот совет на Македонската радио телевизија на денешната 40-та седница, ја разгледа информацијата за медиумската покриеност на Македонската радио телевизија од случувањата во Собранието на ден 27.04.2017 година.
На седницата на Програмскиот совет на МРТ со мнозинство гласови од присутните членови беше изгласано седницата да биде затворена за јавност, (согласно член 122 став 2 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и член 3 од Деловникот за работа на Програмскиот совет на МРТ) заради претходни политички притисоци врз одредени членови на Програмскиот совет.
По разгледувањето на писмените и усмените информации на одговорните уредници на Првиот и Вториот програмски сервис на МТВ, како и на уредникот на Собранискиот канал, Програмскиот совет на МРТ едногласно ги донесе се следните заклучоци:
– Програмскиот совет на МРТ работи согласно закон и нема да се вклучи во дневно политички игри наметнати од кого било.
– Програмскиот совет на МРТ констатира дека Директорот и заменик Директорот на МРТ немаат ингеренции да се мешаат во уредувачката политика на куќата .
– Програмскиот совет на МРТ ги задолжи одговорните уредници на Првиот и Вториот програмски сервис на МТВ и на Првиот и Третиот програмски сервис на Македонското радио, да ги преиспитаат евентуалните пропусти во дневно информативните редакции и за тоа да го известат Програмскиот совет на првата наредна седница“, се вели во нивното соопштение.