Јавниот радиодифузен сервис МРТ го објави извештајот за финансиско работење на институцијата во периодот од први април до 30-ти јуни 2024 година.
Според Законот за јавни претпријатија, МРТ објавува тримесечни извештаи со показатели за финансиското работење, а на последниот е наведено дека трошоците за пренос на проектот Евросонг 2024, иако Македонија веќе две години не учествува на настанот, биле во износ од 456.158 денари, односно над 7.417 евра.
Наемот на опрема пак, неопходна за пренос на Олимписките игри во Париз изнесувал 942.745 денари, односно околу 15.330 евра.
Кога е Евровизијата во прашање, во финансискиот план за измена на финансискиот план на МРТ за 2024 година, со пренамена на средства, објавен на страницата на сервисот во август, објавена е група на трошоци од 29.800.000 денари, односно над 484.000 евра, во која спаѓале и трошоците за реализација на проектот Избор на песна – македонски претставник на Јуниорски евросонг 2024 година, како и трошоци планирани за Евросонг 2024 година кои би произлегле доколку МРТ го пренесува фестивалот, дури и ако земјата не учествува.
Во истата група спаѓале и трошоци за адвокатски и нотарски услуги, ревизија на финансиски извештаи, услуги за вештачење, интелектуални услуги, како и ангажирање на надворешни лица преку авторска агенција во секторите во кои во текот на работењето ќе се јави недостиг од кадар.
Колкава е поединечната сума на трошоците, не е наведено во извештајот.
Според последниот објавен извештај, исто така, истакнато е и дека во МРТ се вработени 648 лица, а просечната плата по работник изнесувала 45.799 денари, односно над 744 евра.
Информација околу тоа дали Македонија ќе учествува на наредното издание на Евровизија, кое ќе се одржи во мај 2025 година во Базел, Швајцарија, се уште нема за јавноста.
Вики Клинчарова