МРТ ќе заштеди околу 150.000 евра, оти не учествуваме на Евровизија

by Fokus

Вечерва во Ливерпул ќе се одржи првата полуфинална вечер на музичката манифестација Евровизија 2023, а настанот ќе продолжи и во четврток, кога е втората полуфинална вечер, и големото финале кое ќе се случи во сабота.

Ова е 67-мо издание на манифестацијата на која годинава Македонија нема да учествува, бидејќи за настанот биле потребни големи финансии, во време кога буџетот на јавниот сервис имал зголемени трошоци поради енергетската криза.

Како што првично појаснија од МРТ, котизацијата до лани изнесувала околу 40.000 евра, а годинава се очекувало да биде повисока поради глобалните поскапувања.

Околу тоа колку ја чини земјава учеството на Евровизија, во минатото беа актуелни многу шпекулации.

Според слободни проценки, одредени медиуми шпекулираа со суми од 300.000 до 400.000 евра, а за првпат од МРТ јавно ги открија бројките пред четири години, во интервју за „Фокус”, кога од уредничкиот тим на јавниот сервис појаснија дека целиот проект не би требало да надмине сума од 150.000 евра.

Тогаш беше појаснето дека котизацијата за Детски Евросонг изнесувала околу 310.000 денари, а пак за Евровизија околу 2.264.000 денари. Целокупниот планиран буџет за настанот, според финансискиот план на ЈРП МРТ во тој период изнесувал околу седум милиони денари, со отстапки од околу десет проценти.

Како што информираа годинава од јавниот сервис, откажувањето на земјава од учество на Евровизија 2023 ќе овозможи заштеда на средства, но затоа пак се планира наредната година Македонија повторно да се врати на настанот со свој претставник.

Вики Клинчарова

Поврзани новости