МРТ го објави финансискиот план за годинава: Ќе учествуваме на Јуниорски Евросонг, за Евровизија не се знаело дали воопшто ќе ја пренесуваме!

by Fokus

Јавниот сервис МРТ го објави финансискиот план за 2025 година, односно финансискиот план за изменување на финансискиот план на Јавното радиодифузно претпријатие МРТ, со пренамена на средства.

Во групата на трошоци од работење е истакнато дека биле планирани 31.700.000 денари, односно околу 516 илјади евра, во кои спаѓале и трошоците за реализација на проектот Избор на песна – македонски претставник на Јуниорски евросонг 2025 година.

Исто така, во сумата спаѓале и трошоци планирани за Евросонг 2025 година кои би произлегле доколку МРТ го пренесува фестивалот, дури и ако земјата не учествува со свој претставник.

Во истата група спаѓале и трошоци за адвокатски и нотарски услуги, интелектуални услуги, услуги за вештачења, ангажирање на надворешни лица преку авторска агенција и друго.

Како потсетување, Македонија не учествуваше на Евровизија последните две години, но вршеше директен пренос на настанот. На Јуниорски евросонг пак, минатата година заврши на претпоследното место.

Во финансискиот извештај кој го објави МРТ минатата година, беше наведено дека трошоците за пренос на проектот Евросонг 2024, иако Македонија веќе две години не учествува на настанот, биле во износ од 456.158 денари, односно над 7.417 евра.

Во тогашниот извештај за финансиско работење беше истакнато дека во групата трошоци, во која спаѓаат и оние за Јуниорски евросонг, трошоци за пренос на Евровизија, адвокатски и нотарски услуги, ангажирање на надворешни лица преку авторска агенција и друго, трошоците изнесувале 29.800.000 денари, односно над 484.000 евра, или во споредба со трошоците планирани за 2025 година, околу 32 илјади евра помалку.

Вики Клинчарова

Поврзани новости