Македонија на овогодинешната Евровизија во Холандија ќе ја претставува Васил Гарванлиев, одлучи МРТ. Васил попладнево на својот Фејсбук профил ја објави одлуката и и се заблагодари на МРТ.
– Сакам да се заблагодарам на целиот тим од МРТВ кој ме изгласа и одлучи да ми ја даде довербата токму јас да ја имам оваа чест но и одговорност истовремено.
Од кога паметам за себе, музиката e сѐ што правам, за што постојам, а многу често беше и е единствената светла точка во мојот живот. И покрај тоа што имам долгодишно искуство на меѓународни сцени свесен сум за предизвикот и одговорноста што претстојат за време на овој глобален настан, особено после успешниот пласман со Тамара минатата година. Сакам накратко да се oбратам на сите тие кои сонуваат и не се откажуваат од нивните амбиции. Патеката не секогаш е лесна, но еден ден секој чекор изоден напред со вложен труд и искрена љубов кон тоа што го правите ќе вроди со плод. Не се откажувајте никогаш!, порача Васил.
Тој и беше придружен вокал на Тамара Тодевска на Евровизија минатата година, а во детството ја исполни и познатата детска песничка „Марионка“.